Барселона синоќа одново киксираше, овој пат во рамки на Лигата на шампиони. Каталонците одиграа само 0-0 против Славија Прага на „Ноу Камп“ и покрај тоа што влегоја како огромни фаворити во овој дуел. Со победа Барселона ќе го завереше и дефинитивно пласманот во осминафиналето, иако и по ова реми се речиси видени меѓу 16 најдобри.

Главна причина за лошите игри на Барса според шпанските медиуми е Антоан Гризман, кој повеќе од сигурно не е во добри односи со Лионел Меси.

Доказ за тоа е што Аргентинецот синоќа во еден контранапад  се приближи до работ на шеснаесетникот, имаше тројца фудбалери околу себе, а Гризман втрчуваше сам од левата страна, кој остана непроигран.

Бројките само го потврдуваат тоа, во меч во кој каталонскиот гигант имаше огромна предност во поседот на топката, двајцата напаѓачи си додале вкупно четири пати. Од нив, Меси трипати го проиграл Гризман, додека Французинот само еднаш ја упатил топката до капитенот на Барселона.