ТФТ беше блиску до нова голема сензација во четвртфиналето од кошаркаскиот Куп на Македонија, откако тоа претходно го стори Академија ФМП против лидерот во домашното првенство Пелистер.

Сепак ТФТ не успеаја да го победат Работнички. Иако речиси цел меч имаа водство, во последната четвртина пресуди искуството на тимот од Градски парк, па најтрофејниот македонски клуб стигна до победа од 66:62.

Првата четвртина ја доби ТФТ со 13:19, а тимот од Тафталиџе замина со водство на полувремето, откако во втората четвртина подобри беа Работнички но само со 19:18. Водство ТФТ имаше и по третата четвртина која Работнички исто ја доби минимално, сега со 20:19. Последната четвртина беше одлучувачка и Работнички ја доби со шест разлика, односно 18:12.

Најдобар кај победничкиот тим беше Ефремовски со 17 поени, само еден помалку имаше Питс, а двоцифрен беше и Мулаиќ со 14 поени.

Кај ТФТ двоцифрени беа тројца, најмногу се покажа Смит со 15 поени, 13 имаше Хортон и 10 Андерсон.