Управата на ФК Беласица го назначи искусниот Чернишов Андреј за нов шеф на стручниот штаб. Русинот е замена за Ѓоре Јовановски кој кратко се задржа на клупата на екипата од Струмица.

Чернишов зад себе има богата играчка и тренерска кариера. Како играч настапуваше за клубови Динамо Москва, Спартак Москва, Штурм Граз, ПАОК како и за репрезентацијата на СССР, па подоцна и Русија, а се закити со шампионски титули во руското првенство, австрискиот куп, Европско првенство до 21 година. Беше и 3 пати прогласуван за најдобар дефанзивец во руското првенство и еднаш прогласуван за најдобар странски играч во Австрија.

Богатата тренерска кариера ја започнува во репрезентацијата на Русија до 21 година, каде под негово водство беа промовирани фудбалери како Андреј Аршавин, Игор Акинфеев, Роман Павличенко, Јури Жиркоф, Александар Кержакоф. Својата кариера ја продолжува како прв асистент на репрезентацијата на Русија, за подоцна да седне на кормилото на Спартак Москва. Во своето CV како шеф на стручен штаб ги придодава и екипите на Динамо Тбилиси, Спартак Суботица, како и неколку екипи од Саудиска Арабија и Кувајт.

Утрешниот натпревар со ФК Академија Пандев Чернишов ќе ја проследи од трибина, а од понеделник започнува официјално со работа.