Најлошото можно сценарио се случи за најтрофејниот македонски клуб ова коло. Поразени се во дербито за опстанок против Борец во Велес, а до бодови стигнаа другите ривали на Вардар.

Борец поведе со голот на Мишов во 15-тата минута од првото полувреме. Конечните 2:0 во Велес ги постави Адили со гол во 81-та минута.

Она што е уште полошо за Вардар е што до триумф стигна Силекс на гостувањето во Струмица кај Беласица со резултат 1:3. Водство за Силекс донесе Ѓоргиев во 13 минута, за израмнување во 17-тата стрелаше Демир. А во второто полувреме прво во 68-та за 1:2 стрелаше Манасиевски, а конечните 1:3 ги постави Серафимовски во финишот.

Ренова пак успеа да дојде до реми на гостувањето во Струмица кај Академија Пандев. Струмичани поведоа со голот на Миловановиќ во 24-тата минута, а израмни Селмани во 48-та поставувајќи ги конечните 1:1.

Вистинска голеада имаше во Скопје на мечот меѓу Работнички и Шкендија кој заврши со осум гола, односно 3:5 за шампионот на Македонија.

Работнички дојде во водство со голот на Марио Станковски во втората минута, израми Игор во 19-тата, а првото полувреме со гол го затвори Хебај од Шкендија.

Во второто полувреме со голот на Ѓурѓевиќ во 69-тата минута Работнички прво израмни на 2:2, за потоа со головите на Нафиу и Алими во 82-та и 86-тата да дојде Шкендија во водство од 2:4.

Тоа водство на 3:4 го намали Јевтоски со гол во 89-тата минута, а конечните 3:5 ги постави Ибраими.

Македонија Ѓорче Петров дојде до победа со 3:0 над Пелистер, додека пак без голови заврши мечот меѓу Струга Трим Лум и Шкупи.

На врвот работите се и повеќе од јасни, Шкендија веќе шампион, Шкупи речиси сигурно ќе биде втор, а за место во Европа ќе се борат Македонија Ѓорче Петров и Струга Трим Лум.

Кога е во прашање опстанокот сигурно е дека ќе биде и повеќе од интересно. Борец со 36 бода отиде во помирни води, 35 имаат Силекс и Академија Пандев која сега е во зоната за бараж, 32 има Ренова, 31 Вардар кој е прв под најцрвената зона и веќе отпишана е Беласица со 17 бода.

Standings provided by SofaScore LiveScore