Македонската фудбалска репрезентација информира дека влезниците за натпреварот Македонија – Израел се во продажба преку „mktickets“ по цена од 150 денари.

Реванш натпреварот меѓу двете селекции ќе се одигра на стадионот „Тодор Проески“ во вторник, 19.11., со почеток од 20:45 часот.

Македонската А репрезентација вчера ги започна подготовките за последните два квалификациски натпревари против Австрија (16. ноември) и Израел (19. ноември) од циклусот за пласман на ЕП 2020.

Селекторот на нашата репрезентација Игор Ангеловски се соочува со проблеми околу составот, бидејќи Езџан Алиоски поради повреда нема да биде дел од тимот, а извесно е дека и Иван Тричковски поради повреда тешко дека ќе може да се стави на располагање. Дополнителен повик доби Тихомир Костадинов од словачки Ружомберог.