Сензационално одекна вчерашниот пораз на Ливерпул, кој загуби на гостувањето кај Ватфорд, 0:3. Прекината е серијата од 44 средби без пораз, загубена е можноста клубот да собори неколку рекорди во Премиер лигата.

Човекот кој го уништи сонот на Ливерпул е 22-годишниот фудбалер од Сенегал, Исмаил Сар, кој вчера двапати ја начна мрежата на неоспорниот лидер во Премиер лигата. За само 6 минути тој го уништи сето тоа што Ливерпул го градеше цела сезона.

Исмаил Сар фудбалот го учеше во академијата „Џенерејшен фут“ во Дакар, Сенегал, истата во која со фудбалот почна да се бави и Садио Мане.

На 18-годишна возраст доаѓа во Европа и потпиша прв петгодишен професионален договор со Мец, за кого одигра 33 средби и постигна 5 гола.

По само една година Сар е продаден на Рен и тоа за огромни 17 милиони евра. Потпиша четиригодишен договор, настапи на 77 средби и постигна 18 гола. Заигра и во Лига Европа, каде на 9 средби постигна 4 гола.

Во летниот преоден рок во 2019-та тој прејде во Ватфорд, а неговата цена порасна до 30 милиони евра, што беше рекорден трансфер во историјата на овој клуб. Вчера Сар ја одигра својата 20-та средба за Ватфорд и ги постигна своите 5 и 6 голови за овој клуб.

Пред неколку години Сар одби понуда да замине во Барселона, бидејќи тогаш процени дека не го достигна потребното ниво, но нема да биде изненадување ако Барселона повторно се заинтересира за овој млад фудбалер.