Играчите на Манчестер Сити се незадоволни од работата на Пеп Гвардиола во оваа сезона. Тие тоа му го кажаа в лице, веднаш по поразот со Тотенхем, кога повеќе од 50 минути беа затворени со Гвардиола во соблекувалната.

Според информацијата на Daily Mail, Гвардиола сам ги праша своите фудбалери што треба да се направи за да се намали бодовната разлика со Ливерпул, на што лидерите на екипата му замерија што врши премногу ротации, со што ја вознемирува екипата.

Оваа сезона Манчестер Сити ниту еднаш не одигра со ист состав на две едноподруго средби, а ситуацијата посебно се влоши по заминувањето на помошникот на Гвардиола, Микел Артета, кој е сега тренер на Арсенал.

Слична на оваа ситуација, кога се зборувало со повишени тонови во соблекувалната, се случи и минатата сезона по поразот од Њукасл. После тој разговор следеше серија од 14 средби без пораз.