Македонската фудбалска репрезентација вечерва се враќа дома по победата од 0:1 над Грузија во Тбилиси за историски пласман на Европско првенство.

Според распоредот на слетувања, фудбалерите се очекува да пристигнат на скопскиот аеродром околу 2 часот по полноќ.

Претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини во честитката до фудбалерите, меѓу другото им се заблагодари на сите за поддршката, но апелираше при славењето да се почитуваат здравствените мерки.

„Во време на пандемија мораме да ги почитуваме мерките за заштита на здравјето и ве замолувам да бидеме одговорни.Ова е момент на голема радост, но убеден сум дека ќе имаме уште многу вакви моменти на кои заеднички ќе прославуваме. Да ги почитуваме мерките на здравствените институции за добро на секој од нас“, порача Сејдини.