После 18 години видовме конечно прволигашки фудбал во Велес. Домашниот Борец се врати во елитата по долго време и за прв гостин го имаше најтрофејниот македонски бренд, скопски Вардар.

Дека Велес сака и заслужува врвен спорт покажа и бројката на гледачи на овој натпревар. Скоро пет илјади гледачи дојдоа да го гледаат овој натпревар кој одеше во живо и на МТВ и на Аренаспорт.

Ова е доказ дека фудбалски центри како Велес, Штип, Прилеп, Битола и многу други мораат да најдат сили и финансии за да се врати фудбалот онаму каде што му е местото.

Беше чест да се присуствува на овој натпревар, во кој организираните навивачки групи „Гемиџии“ и „Комити“ имаа свое навивачко шоу со одлична кореографија.

Ред е да се напомене дека градскиот стадион во Велес од неодамна го носи името на велешката фудбалска легенда, Зоран Паунов-Паун и интересен е фактот дека првиот официјален натпревар се одигра баш против Вардар, клубот во кој се афирмираше и надвор од границите на Македонија.

Морам да ја пофалам и цела организација околу натпреварот, одлично сработена работа што за наши услови е реткост.

Збор два и за актерите на натпреварот. Да не звучам грубо но оваа публика не заслужи толку слаб натпревар. Сигурно големо влијание има и доста топлото време и теренот со вештачка трева, но премногу слаб натпревар дури и за наши услови.

Многу повеќе очекував од гостинот кој иако има млад тим сепак го носи теретот од големото име и мораат и можат подобро. Да бидам реален иако сум велешанец овој Борец е далеку од потребниот квалитет за Прва лига.

Верувам во работата на Горазд Михајлов, меѓутоа за некој човек да има успех во тоа што го работи мора да има и „материјал“ за работа. Во овој момент Борец нема потребен „материјал“ за Прва лига и за жал ќе води тешка борба за опстанок.

Меѓутоа има уште некој ден до завршување на преодниот рок и ако сакаат и ако го одврзат кесето, велешани можат да се засилат во сите линии. Се на се, празник за фудбалот во Велес,се надевам дека ќе трае подолго.

Панче Ќумбев за Дриблинг.мк-  Претседател на Сидикатот на фудбалери на Македонија