Аријан Адеми, еден од клучните играчи во редовите на македонската А репрезентација го очекува подолг период на опоравување поради сериозна повреда.

Потсетување, пред четири дена на Националната арена „Тодор Проески“ нашиот фудбалер ја напушти играта веќе после 29 минути игра.

Го знаеме Адеми како голем борец и дека дури и недоволно опоравен може многу помогне на теренот на клупско и репрезентативно ниво, но сега како што информираат хрватските медиуми ќе паузира околу два месеци.

Во таа 29 минута во Скопје германскиот репрезентативец Каи Хаверц несмасно нагази на ногата на капитенот на Динамо на кој веднаш му беше укажана лекарска помош.

Беше во Загреб на детални прегледи, по што беше утврдено дека го очекува подолга пауза. Информациите велат дека се здобил со тешка повреда на скочниот зглоб, која бара посложена рехабилитација и тешко е за очекување да се врати пред зимската пауза.

Ова е веќе негова втора потешка повреда оваа сезона, во јули имаше повреда на мускулот на десната нога на натпреварот против Омонија поради што пропушти 10 мечеви и токму кога почна да се враќа во потребната форма, се повреди на репрезентативниот дуел со Германците.

Нашата А репрезентација во ноември ќе ги игра последните две средби од квалификациите за СП против Ерменија на гости и Исланд дома. И натаму сме во игра за второто место кое носи во мундијалскиот бараж.