Големото градско дерби меѓу Вардар и Работнички од 3 коло во ПМФЛ треба да одговори на неколку клучни прашања поврзани со квалитетот на двете силни екипи од Скопје.

Вардар ја брка првата победа во новата сезона во која сеуште нема постигна гол. Работнички по два натпревари има три бода а во минатото коло го совлада Шкупи со 2:0.

Голманот на „вардарци“, Филип Гачевски верува дека тој и неговите соиграчи можат да дојдат до првата овосезонска победа во домашното првенство и воедно побара поддршка од навивачите.

„Имаме силни мотиви и голема желба да дојдеме до победа во градското дерби. Се надевам дека ќе успееме да ставиме крај на овој голгетерски пост и утре со помош на нашите навивачи ќе дојдеме до првата победа во сезоната која ќе ни даде самодоверба понатаму. Ги цениме сите противници, меѓутоа ние секогаш против било кого одиме на победа, така ќе биде и утре. Убеден сум дека утре сите кои ќе бидеме на теренот ќе го дадеме максимумот за да дојдеме до трите бода“ – изјави Филип Гачевски за клупскиот сајт.

Дербито меѓу Вардар и Работнички ќе се игра утре во терминот од 17 часот на Националната Арена „Тодор Проески“.