Македонскиот фудбалски репрезентативец Горан Пандев во изјава за „Ил Џорнале“ потврди дека планира да остане во Џенова до крајот на кариерата и дека е среќен што фудбалот се враќа на програмата. Тој потсети на неговата најголема желба: Фундаментално за мене е да играм со Македонија на ЕП 2021. 

Пандев се наврати и на времето кога беше дел од Интер како и за поддршката која ја чуствувал од Мурињо и од Морати.

„Мурињо ми беше како татко. Тој создаде неверојатна атмосфера во нашата група и не предводеше до победи. Тој е еден од најдобрите, иако има уште многу други тактичари во фудбалот. За Морати можам да кажам многу нешта, но можам да се лимитирам на два збора: дарежливост и страст.“ – вели Пандев.

Нашиот капитен верува дека ќе ја заврши кариерата во Џенова.

„Навивачите на Џенова се неверојатни, претседателот верува во мене. Јас сум многу среќен и сакам кариерата да ја завршам тука, дури и размислуваме со моето семејство да останеме тука по моето пензионирање.“ – тврди Пандев.

Струмичанецот се освна и на ситуацијата со Ковид-19 и влијанието по спортот на овој вирус.

„Фудбалот дава сериозни сигнали дека може да продолжи во скоро секоја земја. Мора да бидеме внимателни и да тренираме но мислам дека е правилна одлуката сезоната да продолжи. Ако ги следиме сите протоколи и пазиме, мислам дека ризикот е мал. Не смееме да се плашиме, но мора да сме свесни за состојбата.“ – обајснува Пандев.