Инциденти, тепачки на навивачите, па дури и употреба на оружје – сето тоа е составен дел од грчкиот фудбал.

Но, денешната одлука на Дисциплинската комисија на лигата ќе предизвика вистински потрес, особено на линијата Атина – Солун, двата фудбалски центри на нашиот јужен сосед.

Имено, денеска дисциплинската комисија реши да му одземе дури 7 бода на ПАОК, со што всушност го решија првенството во полза на Олимпијакос.

Причината е во фактот што газдата на ПАОК, контраверзниот руски бизнисмен со грчко потекло, Иван Савидис, преку својата ќерка стана сопственик и на уште еден клуб од најсилната грчка лига – Ксанти, со што сериозно го прекрши законот за спорт. Ксанти е казнет со одземање на 5 бодови.

Двата клуба имаат право на жалба, но веќе е извесен исходот. Олимпијкос и до ова имаше солидна предност од 7 бодови, која сега е удвоена и недостижна.

Пред еден месец, кога изби аферата, имаше предлог ПАОК и Ксанти да бидат исфрлени од лигата, но до тоа не дојде по интервенцијата на министерот за спорт.