Фудбалерот Крис Смолинг утринава бил ограбен во неговиот дом пред неговата сопруга и двегодишното дете, пренесува „Газета дело спорт“.

Италијанските медиуми тврдат дека тројца вооружени разбојници упаднале во домот на англискиот фудбалер и го принудиле да го отвори семејниот сеф, од каде разбојниците однеле накит и други скапоцености.

Сопругата на Смолинг, Сем,  повикала полиција околу 5 часот наутро и полицијата пристигнала во вилата, која се наоѓа на околу 40 километри јужно од Рим.
Истиот извештај тврди дека полицијата сè уште го истражува инцидентот и дека Рома му пружила поддршка на играчот.

Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед живее со неговата сопруга Сем (35), топ модел. Двојката е во брак од јуни 2017 година и го добија синот Лео непосредно пред да се преселат во италијанската престолнина.

Инцидентот е последен во низата случаи каде што натрапниците се насочиле кон домовите на фудбалерите, менаџерите и другите спортски личности од Серија А во текот на изминатата година.