Македонската гордост и гордост на нацијата таеквондистот Дејан Георгиевски во финалниот меч за златото во категоријата над 80 килограми на Олимписките игри во Токио, дојде до сребрениот медал по поразот од претставникот од Рускиот олимписки комитет, Владислав Ларин кој беше најдобро рангиран меѓу сите учесници.

Во првата рунда Георгиевски и Ларин влегоа претпазливо. Прв поведе Русинот со казнен поен, а потоа го зголеми водството со удар со рака на 2:0 и со овој резултат заврши првата рунда.

На почетокот на втората рунда Георгиевски изедначи на 2:2, но Ларин набрзина ја зголеми предноста на 7:2, но нашиот Олимпиец намали со удар со нога на 7:4, потоа следеше и удар со рака за 7:5, а до крајот на рундата двајцата теаквондисти обезбедија по два поени за конечни 9:7 во втората рунда.

Во третата одлучувачка рунда за златниот медал Ларин зголеми на 10:7 со казнен поен, потоа следеше и еден за Георгиевски за 10:8. Во последните 60 секунди, Ларин му зададе удар во главата на Георгиевски за водство на Русинот на 13:9, но за наша жал Ларин собра уште два поена за конечни 15:9.

Вреди да се напомене дека Ларин во последните 3 години имал само 4 порази на сите натпреварувања.

Со ова заврши постот од 20 години без медал за Македонија. Првиот и единствен, бронзен, го освои Мохамед Ибрахимов во борење на ОИ во Сиднеј во 2000 година.

Нема за што да жалиме , можеме само да се радуваме ,и да славиме успех на Македонското таеквондо, успех на македонскиот спорт , успех на Македонската нација.

Браво Дејане , браво мајсторе , ти благодариме што не направи горди сите , ти благодариме што ја сплоти Македонската нација , ти благодариме за се.

Радувај се Македонијо имаш и зошто… Напред Георгиевски