Јувентус  ја одби понудата на Ливерпул од 100 милиони евра за Федерико Киеза, објави италијанската Ла Република.

Киеза пристигна во Јувентус од Фиорентина минатата година како позајмен играч на две сезони, а торинскиот клуб има опција да го откупи неговиот договор за 40 милиони евра.

Младиот офанзивен играч ги покажа своите квалитети минатата сезона, во која постигна 15 гола за Јувентус на 46 настапи.

Тој ја воодушеви јавноста на Евро2020, каде беше еден од клучните играчи на Италија на патот кон европското злато, постигнувајќи голови против Австрија во осминафиналето и Шпанија во полуфиналето.

Да се ​​согласеше Јувентус со оваа понуда, Киеза ќе беше вториот најскап трансфер во историјата на Премиер лигата, по Пол Погба кој од Јувентус премина во Манчестер Јунајтед за 105 милиони евра во 2016 година.

Ла Република пишува дека тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп смета дека Киеза совршено би се вклопил во неговиот систем 4-3-3, каде што најверојатно би играл заедно со Саидо Мане и Мохамед Салах.

Сепак, повратникот на клупата на Јувентус, Масимилијано Алегри, изјави дека Киеза не се продава, а неговата одлука ја поддржа претседателот Андреа Ањели.