Екипите на Јувентус и Милан ќе се сретнат во рамките на 35.коло од Италијанската Серија А викендов , дерби што ќе го одбележи колото во Италија.

Двете екипи се далеку од посакуваното место на табелата и наместо борба за скудетото, ги очекува тешка битка за топ 4 односно пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

Јувентус како и Милан имаат по 69 поени и секој кикс до крајот на шампионатот може скапо да чини со оглед на тоа што петтопласираниот Наполи има 67, а Лацио 64 и еден натпревар за доигрување што значи и лацијалните можат да влезат во жестока битка за елитното натпреварување.

Фабио Капело кој своевремено беше предводник и на двете екипи и многу добро ја познава ситуацијата во „калчото“ пред натпреварот излезе со свое видување.

„Кој ќе изгуби ќе биде во аут. Не е во прашање само битката, мислам дека психолошките последици од поразот ќе бидат многу тешки. Не им оди добро во моментов, тие се тимови со најмногу проблеми, пораз во директниот дуел ќе биде удар“, – вели Капело за „Кориере Дела Сера“.