Роберто Карлос потпиша за Реал Мадрид во 1996 година, по само една сезона мината во Интер. Во шпанскиот клуб остана до 2007 година и со генерацијата одлични играчи освои четири титули во Примера, три во Лигата на шампионите, а вкупниот број на освоени трофеи е 13.

Го доведе Фабио Капело кој истата година клупата на Милан ја смени со таа на Реал и тоа во трансфер за кој многумина ќе кажат дека е еден од најдобрите во историјата на клубот, а е направен рекордно брзо. На Карлос не му се допаѓаше што Рој Хоџсон од позицијата лев бек го носи на лево крило, каде се чувствувал некомотно, а на Капело не му беше јасно зошто Интер сака да го продаде.

„Бидејќи не верував, ми испратија факс со веќе одредена цена. Тоа беше некоја неразумна сума и му кажав на претседателот на клубот Лоренцо Санц веднаш да оди со авион во Милано. Му кажав дека клубови ќе пристигнат во Италија чим веста се расчуе. Во Интер не сфаќаа колку добар играч е Роберто Карло и ние работата ја завршивме за 24 часа“– се присети Капело и продолжи:

„Говореа дека не може да даде гол. Јас им реков: Фрлете ја топката кон напред и ќе видите кој прв ќе дојде до неа.“