Ова т.н „Европско“ лето нема долго да се памети. Македонските прволигаши со исклучок на Шкендија го завршија настапот во натпреварувањата под знакот на УЕФА со резултат кој не ја израдува домашната јавност.

Нашиот поранешен репрезентативец, Панче Ќумбев и претседател на синдикатот на фудбалери на Македонија, не е задоволен од постигнатите резултати во квалификациите од Лига Европа на Шкупи, Академија Пандев и на Македонија ЃП, но уверува дека договорот на ФФМ со Аренаспорт за ТВ преност на натпреварите од ПМФЛ во следната сезона може да донесе своевиден бенефит за нашиот домашен фудбал.

„Дефинитивно овој потег е за поздравување. По подолго време македонскиот фудбал се враќа на малите екрани.Искрен да бидам не знам дали постои држава во светот во која домашно првенство не се пренесува на телевизија. После овогодишниот дебакал на нашите клубови во Европа запалена е црвената сијаличка, и дефинитивно овој договор со Арена ќе биде повеќе од корисен за нашиот фудбал и неговиот развој. Мора да признаеме дека од година во година нашиот клупски фудбал тоне и секој позитивен чекор како што е овој се надевам ќе биде позитивен импулс и мотивација за подобро утре за нашиот фудбал.“ – вели Ќумбев за ДРИБЛИНГ.мк.

Шансата да се игра пред повеќе илјадна публика секако е предизвик за младите играчи кои допрва треба да се докажат. Одличен пример за тоа е трансферот на Влатко Стојановски од Ренова во француски Ним.

„Младите играчи ќе имаат поголема желба за докажување и поголема промоција во регионот. Ќе можеме на дело да ги видиме нивните квалитети во директните преноси и нормално полесно ќе бидат забележувани од сите клубови во регионот. Е сега тука постои едно за мене големо прашање. На кои стадиони и пред која публика се игра нашето првенство? Ова ќе биде голем предизвик за самите клубови но и за самите општини од каде тие клубови доаѓаат.“ – додава Ќумбев за ДРИБЛИНГ.мк.

Со години се зборува за проблемите со инфрастуктурата и со квалитетот на терените на кои во земјава се игра фудбал. ФФМ во соработка со локалната власт веќе реконструираше неколку игралишта но потребно е уште многу да се работи и инвестира.

„Дефинитивно инфракструктура немаме, а и публика за жал се помалку на нашите стадиони. Тема на која ФФМ и клубовите треба добро да размислат и поработат затоа што сега ќе не гледа цел Балкан, а тоа е голем предизвик. Се надевам работите ќе се подобрат затоа што сега за сега се далеку од професионални условите во кои нашите клубови играат.“ – смета Ќумбев во изјавата за нашиот портал.

Засега, договорот меѓу Аренаспорт, ФФМ и МРТВ наидува на сериозна поддршка од повеќе фудбалски прволигаши меѓу кои се ФК Работнички, ФК Вардар и ФК Македонија ЃП.