По подолго време во медиумите се огласи човекот кој многумина го сметаат за крвникот и главниот виновник за моменталната состојба во Барселона. Конечно проговори поранешниот претседател Жозеп Марија Бартомеу, и тоа една година по заминувањето од Барселона.

Тој говореше за долговите кои ги остави во Барселона, негирајќи ги сите обвинувања од сегашното раководство.

Бартомеу го искоментира и заминувањето на Лионел Меси и го нарече голема грешка.

„Секогаш сум велел дека од круцијално значење е Меси да остане со нас (Барселона), не само затоа што е најдобар играч на светот, туку поради и неговиот економски имапкт на клубот. Тоа беше голема грешка да дозволат Меси да си замине. Тој претставува многу повеќе од само фудбалер“- искоментира Бартомеу.

Поранешниот прв човек на клубот зборуваше и за летото 2020 година, кога Меси побара да си замине.

„Меси сакаше да си замине, разговаравме и јас реков – не. Секогаш сметав дека Меси е најважен дел од клубот, а Барселона исто така е важна за него. Ако тогаш си заминеше тоа ќе беше сериозен проблем, како што е сега. Му реков дека ако сака да си замине како Чави или Иниеста во некој клуб надвор од Европа, можеме да разговараме. Но тој немаше тим и сакаше да си замине како слободен агент“- додаде поранешниот претседател на Барса.