Интер веќе ја освои шампионската титула, но намерата на тренерот Антонио Конте е јасна, да победи на сите натпревари до крај.

Во пресрет на мечот со Римјаните, тој рече дека целта му е максимално да го почитува Скудетото и да покаже дека заслужено го освоија.

“Рома е одличен тим со одличен тренер. Нашата цел е да дадеме се од себе на сите натпревари, да бидеме сконцентрирани сите 90 минути. Против Сампдорија, момците одиграа навистина добро. И покрај многуте измени, тимската игра беше одлична, што  е знак на силна професионалност. Тоа е вистинскиот начин да се биде заслужен шампион, победата е нешто што мора постојано да се всадува во нашите глави”, рече Конте.

Интер го има вториот најефикасен напад во Серија А, зад Аталанта.

Тимот од Бергамо постигна 84, Интер пет гола помалку.

“Бројките секогаш кажуваат нешто, сега тие сведочат за нашиот раст. Нашите бројки се позитивни, особено во вториот дел од сезоната. Мораме да продолжиме така до крајот, за да подобриме сè. Минатата сезона ја завршивме како тим со најдобра одбрана и втор најдобар напад, оваа е истата ситуација, но сепак имаме шанса да бидеме најефикасни. Ќе се обидеме да ги поправиме сите бројки до крај. Затоа сакаме да бидеме на нивото против Рома. Свесни сме дека сакаат да ја завршат сезоната на вистински начин”, заклучи Конте.