Повеќе од два месеци трае кризата во Барселона, која можеби не се гледа по резултатите, но е присутна и го разјадува ткивото на славниот клуб.

Токму нарушените човечки односи во Барселона се причина некои од фудбалерите да размислуваат и за заминување од клубот, а еден од нив, според шпанските медиуми, е и првиот голман Тер Штеген.

Mundo Deportivo тврди дека тоа го најави самиот Тер Штеген, кој на еден новинар кој сакал да сними документарен филм му одговори дека сега не е време за тоа, затоа што следната сезона веројатно нема да биде во Барселона.

Договорот на Тер Штеген важи до лето 2022 година, а преговорите за продолжување на соработката, кои се во тек, засега не даваат резултат. Барселона најави дека нејзин приоритет е продолжување на договорите со Меси и со Тер Штеген, на кого му нудат подобри услови од тие со претходниот договор, ама…

Истовремено, се појави информацијата на Football Italia, според која Јувентус може да го искористи незадоволството на Тер Штеген и да го донесе во Торино.