Екипата на Барселона во рамките на 37.коло од Шпанската Примера ќе се соочи со екипата на Селта во предпоследниот меч од Шпанското првенство во кое се води тесна битка помеѓу Барселона, Атлетико и Реал Мадрид околу тоа кој ќе успее да го освои првенството.

Барселона до пред неколку кола се чинеше дека е тимот кој е во пол-позицијата за титулата во Примера со оглед на формата во последно време и резултатите на останатите ривали, но кога каталонскиот гигант требаше најмногу да се докаже на дело, направи два катастрофални кикса.

Поради овие големи пропусти и ремито во дербито со Атлетико Мадрид, Роналд Куман се најде на удар од јавноста и поради тоа имаше и двочасовен разговор со претседателот Лапорта на кого му ги објаснуваше лошите резултати, а денеска Холанѓанецот им порача на медиумите дека не заслужува однос каков што добил во последните две недели.

„Да, во последните две недели чувствувам дека сум лошо третиран, не заслужувам таков однос од јавноста. Треба да се анализира како напредуваше овој тим составен од многу млади играчи. Имавме многу повреди, победивме во Копа дел Реј и иако бевме на 12 бода од врвот, дојдовме да се бориме за титулата во Примера,

Слушам и читам што велат медиумите, дека сум извршил многу лоша работа и не се согласувам со тоа. Не заслужувам такви зборови. Има податоци кои докажуваат дека сме направиле голем напредок во текот на сезоната, има многу позитивни работи. Пред две седмици се беше совршено, а сега е ужасно. Тоа не е фер“, – вели Куман пред мечот со Селта на „Камп Ноу“.