Фудбалскиот сојуз на Шпанија денеска го претстави старо-новиот селектор Луис Енрике кој се враќа на оваа функција. Неговото место привремено го имаше неговиот помошник Роберто Морено, кој со негодување ја прифати веста за негова промена и покрај тоа што обезбеди пласман со Шпанија на ЕП во 2020.

Денес Енрике на својата прва пресконференција „распали“ по својот поранешен соработник и изјави дека не му требаат луѓе како него.

„Одлуката тој да не биде во мојот тим е само моја. Едноставно не беше лојален, ми кажа дека ќе биде селектор до ЕП, а потоа ќе се врати како мој помошник. Не ми се потребни луѓе како него во мојот стручен штаб. Не е добро да си премногу амбициозен“, изјави Луис Енрике.

На местото  на Морено како прв помошник на Енрике ќе му биде Хесус Касас, кој има договор до крајот на ЕП во 2020.