Фудбалерите на Мајорка после шест години пауза се вратија во шпанска Примера. Во финалето од плеј-офот, Мајорка на свој терен успеа да ги надокнади двата гола негатива од гостувањето во Ла Коруња, па славеше со 3-0 против Депортиво и си го обезбеди своето место во шпанската фудбалска елита.

Домаќинот поведе во 21-та минута со погодокот на хрватскиот интернационалец Анте Будимир, на 2-0 зголеми Салво од слободен удар во 62-та минута, додека конечните 3-0 и големото славје на стадионот „Иберостар“ ги донесе Абдон Прац.

На трибините, камерите го забележаа и тенискиот ас Рафаел Надал, кој се радуваше на пласманот во Примера.

Заедно со Мајорка, од наредната сезона во Примера ќе се натпреваруваат и Осасуна и Гранада.