Македоската футсал репрезентација ќе има искусно и трофејно име во стручниот штаб на Васко Скендеровски.

Поранешниот селекторот на Хрватска Мато Станоковиќ ја прифати поканата од селекторот на македонската футсал репрезентација, Васко Скендеровски да биде дел од нашиот тим на квалификациите за пласман на Европското првенство. Македонија е во групата 4 со репрезентациите на Романија, Србија и БиХ. Квалификациите ги отвораме на 28. јануари со меч против Босна и Херцеговина во Зеница.

„Најпрвин сакам да кажам дека навистина ми е драго за нашата соработка. Во блиското минато имавме многу заеднички натпревари, станавме вистински пријатели со луѓето од македонската репрезентација, работевме на анализи и подготовки за важни натпревари и овој нов предизвик е еден вид начин да ја искажам почитта нѐ само кон селекторот Васко Скендеровски, туку и кон Фудбалската федерација на Македонија. Целта е да помогнам да се направи вистинскиот чекор во ситуација кога футсалот во Македонија е на пресвртница. Најдобрите моменти македонскиот репрезентативен футсал ги имаше пред три или четири години, а сега ќе се обидеме да се вратиме на тој посакуван правец. Јасно ми е дека нема да биде воопшто лесно, но за мене е битно да бидеме организациски и играчки на посакувано ниво. Во животот не сакам да ветувам големи работи, мојот план е долгорочен и се надевам дека доколку ја имаме вистинската поддршка ќе го реализираме предвиденото.  Нѐ очекуваат тешки натпревари во квалификациите, отвораме со натпревар против БиХ во Зеница, на домашен терен босанците се секогаш опасни против било кој состав, но тоа е можност да видиме кој е нашиот квалитет во моментов. Србија е топ фаворит во групата, а Романија е селекција со неколкумина натурализирани играчи во составот, но нѐ е на нивото од пред неколку години кога беа навистина силни.“– изјави Мато Станковиќ.

Мато Станковиќ ја предводеше репрезентацијата на Хрватска на три Европски првенства. 2012 година, „коцкестите“ предводени од Станковиќ стигнаа до полуфинале на континенталниот собир кој се играше во Хрватска. Беше селектор на националниот футсал тим на Либија од 2006. до 2010. година, предводејќи ги либијците до место на Светското првенство во Бразил, а за прв пат во својата историја станаа африкански шампиони 2008. година.

На клупски план, со МНК Сплит освои седум титули во националното првенство и осум титули во футсал Купот на Хрватска. Под водство на Станковиќ, Сплит го постигна најголемиот успех во футсал Лигата на шампиони, освојувајќи го третото место.