Најдобриот фудбалер на Барселона,  Лионел Меси денеска ја доби својата шеста „златна копачка“, за најдобар стрелец во Европа. Хит на денешната церемонија беше неговиот помал син Матео кој тргне да ја земе наградата од рацете на неговиот постар брат.

Меси за својата најнова награда им се заблагодари на соиграчите за 36-те гола со кој стигна до признанието, три повеќе од Килијан Мбапе, а трет во таа трка беше Фабио Кваљарела со 26.

„Луис Суарез и Жорди Алба, кои се тука, се најголеми ‘виновници’ за оваа награда. Без својот тим никогаш немаше да победам, а ова е трофеј за сите нив. Одиме годинава да освоиме сè што можеме“, рече Меси.

Во оваа категорија Меси сега има две повеќе „златни копачки“ од својот вечен ривал Кристијано Роналдо кој четири пати беше најдобар стрелец во Европа.