Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ на денешната вонредна прес-конференција пред јавноста соопшти дека има леукемија.

„Имав треска која вообичаено не би ме спречила да одам на тренинг. Направивме уште еден тест и резултатите покажаа леукемија. Кога ја слушнав веста тоа беше тежок удар за мене. Седев со денови и плачев. Животот тогаш ви поминува пред очи. Тоа не се солзи од страв. Ја почитувам болеста и ќе се соочам со неа храбро, гледајќи ја во очи. Како што правев секогаш. Не можам да дочекам да одам во болница и да започнам борба. Болеста е агресивна, но може да се победи. Им го објаснив тоа на своите играчи.“ – емотивно посочи Михајловиќ.

Тој истакна дека направил некои тестови кои покажале аномалии кои не ги имал претходните четири месеци.

„Ќе ви ја кажам вистината, како стојат работите. После тоа лекарите ќе ве информираат, со почит кон мојата приватност. Ве замолувам за приватност бидејќи лично сакав да им кажам на екипата и на јавноста. За жал, некои не ја почитуваа мојата желба со цел да продадат неколку примероци повеќе, расипаа долгогодишно пријателство.“ –  ја започна прес-конференцијата Михајловиќ.

Во просториите на клубот дојде и директорот Валтер Сабатини кој ја отвори прес-конференцијата и му пружи поддршка на тренерот.

„Тренерот покажа голема храброст кога закажа прес-конференција за да зборува за својата ситуација. Овде сме да го поддржиме. Овој човеќ секогаш ќе може да смета на Болоња. Ќе биде со нас и ние ќе бидеме со него, што и да се случи. Овој човек е многу силен и ајде јасно да кажеме – Синиша ќе остане тренер на Болоња и ништо нема да се промени.“ – изјави Сабатини.