Македонската фудбалска репрезентација за играчи до 21 година доби исклучително тешка и предизвикувачка група во квалификациите за пласман на ЕП 2023 година во Романија и Грузија.

Селекторот, Благоја Милевски признава дека ова е сериозен испит за нашите репрезентативци.

„Групата е исклучително тешка. Франција е топ фаворит, Србија и Украина отсекогаш имале одлични млади фудбалери и секако ќе се борат за висок пласман. Фарски Острови е репрезентација во подем, тоа го потврдија во претходните квалификации во кои славеа против Црна Гора, Израел и Казахстан. Ерменија е исто така незгоден противник. Едноставно, нема лесен противник, но ние сме навикнати да одиме по потешкиот пат. Со сите репрезентации во групата имаме меѓусебни натпревари, но ова се нови генерации и нови фудбалери. Би било добро квалификациите да ги започнеме од септември, од причина што немаме ниту еден собир со новата генерација. Распоредот ќе го решаваме заеднички, но би сакал да одработиме барем два собири со неколку контролни натпревари пред официјално да го започнеме новиот квалификациски циклус.“- изјави Благоја Милевски.

На ЕП 2023 ќе патуваат вкупно 14 селекции, плус домаќините Грузија и Романија.