Благоја Милевски на денешната официјална промоција за нов селектор на сениорската фудбалска репрезентација на Македонија порача дека оваа генерација со мали измени може да стигне до големи резултати во меѓународни рамки.

Поранешниот селектор на нашата У21 репрезентација, најголемиот успех во досегашната кариера го оствари со пласманот на ЕУРО во 2017 година за играчи до 21 година со Македонија.

„Голема благодарност до ФФМ и до господинот Сејдини и за укажаната доверба. Можам да ветам посветеност во мојата работа и максимална посветеност. Што се однесува до мојот ангажман со А репрезентацијата, сакам да кажам дека со нетрпение го чекаме моментот со натпреварите во септемврискиот циклус. Со нетрпение чекам да почнам повторно да соработувам со познати ликови и поради тоа сум возбуден. Се она што ни следи за новиот циклус, можам само да кажам дека заедничка цел ни е 2024 година, но квалификациите за СП во Катар ќе дадаме се што умеме и знаеме за да имаме успешни квалификации за да останеме конкурентни до крајот на овие квалификации.“ – изјави Благоја Милевски

Благоја Милевски и Македонија ги очекуваат три натпревари од мундијалските квалификации веќе во септември, двомеч на домашен терен против Ерменија и Романија и гостување кај Исланд.