Поранешниот играч на Фиорентина и Јувентус, Мохамед Сисоко на 34-годишна возраст реши да ги обеси копачките и да стави крај на фудбалската кариера.

Поранешниот репрезентативец на Мали зад себе остава богата кариера во која настапуваше за клубови како Оксер, Валенсија, Ливерпул, ПСЖ, Јувентус и Фиорентина. Тој кариерата ја завршува во дресот на француски Сошо во втората лига на Франција.

„Тука сум  за да ви кажам дека е готово. Ова е крај на мојата кариера. Ова е одлука која ми беше тешко да ја донесам. Фудбалот е мојот живот“– емотивно изјави Сисоко за „РМЦ Спорт 1“.

Во Серија А, тој одигра 76 натпревари и постигна три голови за време на своите настапи за Јувентус и Фиорентина. 34-годишниот играч беше доведен во „Старата Дама“ од Ливерпул во јануари 2008 година како големот засилување и играше во тимот од Торино до јули 2011 година.

Кариерата ја продолжи во ПСЖ, но се врати во Италија по само 18 месеци во главниот град на Франција и тоа во тимот на Фиорентина. Сисоко во Италија на еден натрпевар одигра и за Тернана во Серија Б.