Тренерот на Рома, 58 годишниот Жозе Мурињо во недела против Сасуоло ќе го запише својот натпревар број 1.000 во тренерската кариера и така ќе стане само 33-от тренер во модерната ера на фудбалот кој ја достигнал таа бројка.

На врвот на таа листа се наоѓа Сер Алекс Фергусон со 2.155 натпревари, а зад него е Арсен Венгер со 1.701 меч.

Во текот на својата и повеќе од успешна тренерска кариера водеше тимови во четири лиги. Бенфика, Униао де Леириа и Порто во Португалија, Челзи, Манчестер Јунајтед и Тотенхем во Англија, Реал Мадрид во Шпанија, Интер и сега Рома во Италија.

Еден од најдобрите тренери во историја досега има 25 трофеи, при што два во Лигата на шампионите со два различни клубови, Порто во 2004-та и Интер во 2010-та година.

„Големо задоволство е што стигнав до бројката од 1.000 натпревари, но во исто време секогаш во мојата природа е да се радувам на следниот меч, а не уживање во сеќавањата од натпреварите кои се зад мене“- изјави Мурињо за англиското Здружение на менаџерите (LMA).

ЛМА ќе му додели на Мурињо посебно награда и официјално ќе го стави во „LMA Hall of Fame 1000 Club“ на посебна прослава кога околностите тоа ќе го дозволат.

„Достигнувањето на овие големи бројки е неверојатно достигнување за Жозе, а неговите резултати секогаш ќе осигураат да биде познат како еден од тренерските великани“- порача Сер Алекс Фергусон.