Еден од најголемите германски фудбалски бисери, Џамал Мусиала од Баерн Минхен вечно во своите спомени ќе го носи Скопје, а причината е првиот гол за репрезентацијата.

Покрај првиот гол тој се запиша и во историјата поставувајќи рекорд. Со само 18 години, седум месеци и 15 дена, младата ѕвезда на Баварците, стана најмладиот стрелец за репрезентацијата на Германија. Тоа му успеа во 83-тата минута на Арената „Тодор Проески“ кога совладувајќи го Столе Димитриевски ги постави конечните 0:4.

Тоа беше причина, Фудбалската Федерација на Германија да му направи кратко интервју на младиот играч за врска кој влезе во историјата, иако во младинските категории претходно играче за Англија.

„Чувството е извонредно. Добро е чувството по постигнатиот прв гол во дресот на Германија. Честа е навистина огромна за мене како дел од овој тим“– изјави Мусиала.

Неговата репрезентација прва се пласираше на Мундијалот, а Мусиала вели едвај чека да заигра во Катар.

„Горд сум за постигнатиот гол, но и за нашиот пласман на Светското првенство. Сега, со нетрпение го очекувам мундијалот кој е на програмата наредната година.“