Македонската фудбалска репрезентација во понеделник против Холандија во Амстердам ќе игра за престиж и бодови, последен натпревар за нашиот национален тим кој ги загуби сите шанси за осминафинале.

На првите две средби загубивме од Австрија и Украина, сега против големиот фаворит Холандија која е пласирана во осминафиналето, бараме шанса за бодови, дефанзивецот Висар Муслиу најави максимално ангажирање за први бодови на ЕУРО.

„Нормално од резултатите сме малку разочарани, но мотивирани сме пред Холандија, ние сме професионалци и ја претставуваме државата, се надевам на победа. Холандија игра добро и технички одлично, но ако сакаме да ги победиме можеме само со тимска игра. Знаеме дека ќе играат офанзивно, ние ќе се обидеме со контри да ги изненадиме“ – изјави Муслиу.

Македонија утре ќе одржи еден тренинг на „Јохан Кројф“ арената, средбата со Холандија се игра во понеделник од 18 часот.