По отказот на Жозе Мурињо се уште не се знае кој ќе го преземе Тотенхем следната сезона, а познато беше дека прва желба на претседателот Даниел Леви беше Јулијан Нагелсман.

Меѓутоа, веста дека Баерн Минхен одлучил да ја прифати сумата која Лајпциг ја бара за него, а тоа е меѓу 20 и 25 милиони евра, значи дека Тотенхем ќе мора да бара ново име.

Во игра се повеќе имиња, а како што пишува Телеграф меѓу нив се истакнува Ерик Тен Хаг, кој во 2019 година го одведе Ајакс во полуфиналето од Лигата на шампионите, а оваа сезона веќе ја осигура титулата во холандското првентство на четири кола пред крајот.

Евентуално негово доаѓање во Лондон посебно би го воодушевило Пјер Емил Хојбјерг, кој најмногу се истакна меѓу засилувањата на Тотенхем оваа година. Тој како тинејџер своевремено беше предводен од Тен Хаг во вториот тим на Баерн Минхен, а минатото лето сакаше да го доведе во Ајакс.

„Навистина сакав да го доведам и бевме блиску. Разговаравме повеќе пати, тој навистина ќе го подобреше нашиот тим“- изјави Тен Хаг, а оваа англиските медиуми сега потсетуваат на таа изјава.

Се разбира, Хојбјерг не е единствен фактор кој Леви ќе го земе во обзир, но бидејќи клубот нема многу да троши за засилувања летово, тренерот кој е задоволен со сегашниот тим секако ќе биде во предност.