Анализата на податоците на британската Национална здравствена служба покажа дека реванш натпреварот од осмина финалето на Лигата на шампионите меѓу Ливерпул и Атлетико Мадрид кој на 11 март се одигра на Енфилд, довела до 41 дополнителен смртен случај поради коронавирус, објави „Сандеј Тајмс“.

Кобниот натпревар се одигра пред 52.000 навивачи меѓу кои и 3.000 Шпанци.

Шпанија во тој момент имала шест пати повеќе заразени од Ковид-19 од Велика Британија. Се смета дека доаѓањето на околу 3.000 навивачи на Атлетико во Велика Британија предизвикало ширење на коронавирусот во Ливерпул и околината.

Сепак се нагласува дека е невозможно со 100 проценти сигурност да се утврди точниот број на лица кои се заразиле таа вечер на Енфилд и колку од нив го пренеле вирусот на своите семејства и пријатели. Се истакнува дека натпреварот сепак не требало да се одигра.

Во анализата се заклучува и дека кобен бил и фестивалот во Челтнам, во втората недела од март, на кој биле присутни околу 250.000 лица и кој довел до дополнителни 37 смртни случаи поврзани со коронавирусот.