Од вчера Манчестер Сити е во исклучително тешка ситуација, која сериозно може да ги разниша темелите на клубот.

Поради лажни извештаи и непочитување на финансискиот фер плеј, УЕФА ги исклучи „Граѓаните“ од сите европски натпреварувања во следните две сезони, што ќе му донесе огромна финансиска штета на клубот и бегство на инвеститори и спонзори.

Се пренесе и веста дека Сити може да го загуби и тренерот Пеп Гвардиола, кој не сака да жртвува две години во клуб без европски предизвици.

Најново е што и Премиер лигата од своја страна се подготвува да го казни Манчестер Сити, поради повреда на правилата на лигата. Имено, секој клуб при добивање на лиценца за настап во Премиер лигата мора да достави вистинити податоци, идентични на тие што се испраќаат во УЕФА.

Според The Independent, во Премиер лигата веќе се разговара на оваа тема и одземањето на бодови ќе биде најверојатниот исход.

Иако Премиер лигата пред извесно време ги измени своите правила и клубовите во таква ситуација би морале да стартуваат од четвртата лига, никој сериозно нема да ја разгледа можноста Манчестер Сити да биде истеран од Премиер лигата.

Инаку, Манчестер Сити ќе ја обжали одлуката на УЕФА пред Спортскиот апелационен суд во Лозана.