Реал Мадрид вечерва од 21 часот игра против Гетафе на гости во натпревар на кој трите бода му се и повеќе од важни за да остане во битка за титулата во финишот од сезоната.

Но, Зидан пред еден од најважните натпревари сезонава е во неверојатни проблеми. Уште вчера клубот објави дека на списокот има само 13 сениорски играчи, денеска тој број падна на 12.

Од претходно се повредени Серхио Рамос, Лукас Васкез, Дани Карвахал и Еден Азар. Рафаел Варан е позитивен на ковид 19. На тренингот пред натпреварот се повреди и Ферлан Менди, а суспендирани се Каземиро и Нашо. Реал денеска објави дека Федерико Валверде е во самоизолација, бидејќи бил во контакт со заразена особа и поради тоа нема да биде во списокот за мечот со Гетафе.

За воопшто да има некого на клупа, Зидан повика три играчи од својата младинска школа. Така во првиот тим ќе се приклучат Виктор Чуст, Серхио Арибас, Антонио Бланко и Мигел Гутиерез.