Сезоната од соништата за Вест Хем продолжува и понатаму. „Чеканите“ синојќа го победија Барнли со 1-2  и ја продолжија трката за едно од местата кое води во Лигата на шампионите следната година.

Со овој триумф беше прекината серија од два порази во низа со што лондонскиот состав стигна до 58. освоени бода во сезоната, три помалку од четвртопласираниот Челси и четири повеќе од седмопласираниот Ливерпул па Микел Антонио  кој со два гола донесе победа на својот тим не го криеше задоволството по натпреварот.

„Беше неверојатно. Сите сакаат да играат во Лигата на Шампионите. Тука сум неколку години и имавме многу сезони во кои се боревме за опстанок, а сега имаме прилика да бидеме во најдобрите четири. Не се предаваме, ќе се бориме до самиот крај“, изјави Антонио.