Синиша Михајловиќ е најсериозен кандидат за нов тренер на Јувентус. Италијанските медиуми пишуваат дека првиот човек на клубот од Торино, Андреа Ањели ќе го отпушти Андреа Пирло, затоа што е незадоволен од неговите резултати.

Јувентус беше елиминиран во осминафиналето од Лигата на шампионите, а по девет години останаа и без титула во Калчото, а има и сериозна опасност да не играат во европската елита следната сезона.

Весникот Кориере Дело Спорт пишува дека сериозни промени се подготвуваат во Јувентус, како и дека Андреа Пирло ги брои своите последни денови на местото тренер. Прв кандидат на челниците на клубот е Синиша Михајловиќ, кој оваа сезона направи добар резултат со скромната екипа на Болоња. Наводно контактите се веќе воспоставени и наскоро би требало да има и официјално преговори.

Пред Михајловиќ, Јувентус ги контактираше Зинедин Зидан и Масимилијано Алегри. Французинот не сака да го напушти Реал Мадрид, каде има поддршка од претседателот Флорентино Перез, додека според италијанските медиуми Алегри нема намера повторно да се враќа во Торино.

52 годишниот Синиша Михајловиќ зад себе има големо тренерско искуство, затоа што во Серија А работи веќе 11 сезона, а досега водеше дури шест тимови- Болоња, Каталија, Фиорентина, Сампдорија, Торино и славниот Милан. Беше и селектор на Србија, а кратко беше и во Спортинг Лисабон, каде иако потпиша договор никогаш не започна со работа. Клубот од Лисабон му плати 3 милиони евра за само девет дена минати во клубот.

Покрај Синиша Михајловиќ, кандидати за нов тренер на Јувентус се Симоне Инзаги од Лацио и Џенаро Гатузо, кој моментално е на клупата на Наполи.