Никако да се средат состојбите во Барселона, во која секојдневно избиваат нови скандали.

По скандалот со отказот за тренерот Валверде, дојде кавгата меѓу Меси и директорот Абидал, а веднаш потоа и постовите на социјалните мрежи кои по налог на претседателот Бартомеу ги напаѓаа играчите.

Најновиот скандал е поврзан со помошникот на Кике Сетјен, Едер Сарабија, кој, како што пренесува TV Vamos, беснеел на клупата за време на „Ел Класико“ и ги навредувал своите фудбалери. Каналот тврди дека најмногу бил навредуван Антоан Гризман, но и дека не бил поштеден ниту капитенот Лионел Меси.

Наводно доаѓањето на Сарабија со тренерот Сетјен не било добро прифатено од играчите на Барселона, па дури и самиот Сетјен им посочи на играчите дека Сарабија знае ексцентрично да се однесува.

Новинарот на ESPN, Мојзес Лоренс, напиша дека на еден од тренинзите дојде до жестока кавга меѓу Меси и Сарабија и наводно Аргентинецот му кажа на помошникот тренер дека веќе нема да му дозволи да ги навредува фудбалерите.