Аргентинскиот федерален судија, Родолфо Корал, почна истрага за можното следење на напаѓачот на Барселона, Лионел Меси, од страна на владата на поранешниот претседател Маурицио Макри.

Меси се најде на листата од 60 луѓе, која е најдена во базата на даночната служба на Аргентина и во Управата за миграција, пишува Marca.

Судијата сега испитува дали овие две служби ги следеле луѓето во рамките на законот и со законска дозвола.

Освен оваа листа, се претпоставува дека постои и друга на која се 50 федерални судии, 9 гувернери на сојузни држави, 5 федерални обвинители, 9 крупни бизнисмени и неколку министри и пратеници.

Истрагата почна оваа година, но новинарот на Ла Национал, Карлос Пањи сигнализираше дека Меси го следат поради „Панамското досие“ во кое се најдени документи за наводна фирма на Меси во офшор земји.