Селекторот на Шпанија Луис Енрике ги отфрли шпекулациите за седнување на клупата на Манчестер Јунајтед.

Италијанскиот новинар Фабрицио Романо објави на Твитер дека Енрике не е во преговори со клубот од Олд Трафорд, затоа што сака потполно да се фокусира на обврските на националниот тим за Светското првенство идната година.

Манчестер Јунајтед неодамна одлучи да му врачи отказ на Оле Гунар Солскјер после лошите резултати, а на негово место привремено седна Мајкл Керик. Јунајтед во првиот меч со него на клупата во петтото коло од групната фаза на Лигата на шампионите го совлада Виљареал со 2:0.

Репрезентацијата на Шпанија го освои првото место во групата Б од квалификациите и директно се пласираше на шампионатот во Катар.

50 годишниот Луис Енрике претходно работеше во Барселона, Рома и Селта.