Украинскиот стопер по незмалку пет години ја заврши својата приказна во ФК Вардар. Централниот дефанзивец, одлуката за напуштањето на најтрофејниот фудбалски клуб од земјава ја потврди на социјалните мрежи.

„Почитувани навивачи, соиграчи и сите вие кои го поддржувате и сакате вардаровото семејство. Денеска мојата прекрасна приказна со ФК Вардар дојде на крајот. Станавме три пати национални шампиони, направивме историски успех со настапот во групната фаза од Лига Европа.“ – вели Новак.

Дефанзивецот не заборави да ги издвои навивачите и сите со кои соработувал низ годините во Вардар.

„Запознав многу прекрасни луѓе со кои ќе останам во контакт, Вардар секогаш ќе остане во моето срце, благодарност и до моите соиграчи, до фановите, им благодарам и на „Комитите“, на тренерите и сите кои ме поддржуваа во ова мое патување кое траеше скоро пет години. Му  посакувам успех на клубот  во иднина и секако, останувам број еден навивач на Вардар.“ – порачува Евгениј Новак.

Украинецот пристигна во Вардар во август 2015 година за 300 000 евра од Волин, за црвено-црните одигра 125 натпревари и постигна 5 гола.