Она што веќе неколку дена е познато, сега стана и официјално. Од ФФМ уште во средата информираа дека македонскиот репрезентативен играч, кариерата ја продолжува во Украина, а тоа сега го потврди и клубот.

Мариупол го промовираше новото засилување Стефан Спировски кој ќе ги брани боите на екипата до крајот на оваа сезона.

После осум кола Мариупол во најсилното украинско првенство моментно е на претпоследната 15 позиција со четири бодови, 18 помалку од водечкиот Динамо Киев.

Во својата клупска кариера Спировски играше за Пелистер, Борац, Берое, Вардар со кој трипати беше шампион, а во сезоната 2016/17 беше прогласен за најдобар фудбалер на годината во нашата земја.

Се пресели во Ференцварош со кој стана шампион на Унгарија (2018/19), во 2019/20 беше дел од Хапоел Тел Авив, а лани настапуваше за АЕК Ларнака.

За најдобрата македонска репрезентација досега има 41 настап и еден погодок.