Тренерот на Шкендија Ќатип Османи истакна дека македонскиот шампион е елиминиран поради слабата реализација.

„По првиот натпревар велев дека треба да погодуваме. Во овој двомеч, тоа се покажа како недоволно. Што се однесува до мечот, игравме едно бледо прво полувреме,а во второто можеби бевме малку подобри, но сепак, недоволно за победа. Доцневме во нашата игра, немавме агресивност, резултатот не го контролиравме. Знаевме дека од прекините се опасни. Но, не реагиравме како што треба. Не би сакал да издвојувам некого,сите заедно потфрливме. Мојата задача како тренер е сега прво да ја вратам атмосферата и да се подготвиме за наредниот меч. За оваа елиминација вината е кај мене. Мора да седнеме и да анализираме, па заедно да продолжиме напред“, изјави тренерот на тетовчани Ќатип Османи.

Тренерот на естонскиот фудбалски шампион Номе Каљу Роман Кожуховски по мечот изрази задоволство од триумфот, особено што потенцираше дека пред мечот некако како да почувствувал дека неговиот тим може да дојде до победа и пласман во втората рунда.

„И вчера на прес-конференцијата најавив дека дојдовме тука да победиме. Мислам дека моите момци повеќе ја посакуваа победата. Од меч во меч ја креваме формата. Им благодариме на навивачите за аплаузот по средбата“, изјави Кожуховски после мечот.