Екипата на Милан викендов го совлада тимот на Јувентус со што ги зголеми шансите за настап во Лигата на шампионите следната сезона, по долга пауза.

Сепак за тимот од Милано уште ништо не е сигурно и имаат уште три натпревари да го потврдат пласманот во топ 4 сезонава.

Веќе утре Милан го чека нова битка и тоа повторно во истиот град. Милан пак оди за Торино каде овој пат ќе му се спротивстави на другиот клуб односно , тимот на Торино кој грчевито се бори за опстанок.

Во пресрет на натпреварот тренерот на Милан , Стефано Пиоли на денешната прес-конференција изјави.

„Фокусирани сме, овој натпревар е премногу важен, сѐ уште имаме потреба од освојување бодови. Јасно е дека победивме против историски ривал, имаме верба и свесни сме, но јасно ни е дека уште ништо не сме постигнале“.

„Ќе можеме да славиме тек тогаш кога ќе обезбедиме место во Лигата на шампионите. Сега треба да го задржиме ставот. Не се плашам од еуфорија, но загрижен сум бидејќи детали секогаш можат да одлучат натпревар, а ние имаме некои проблеми“.

Торино врза неколку победи во последниот период и излезе од опасната зона , но сеуште може лесно да се најде во Серија Б следната сезона доколку повторно влезе во резултатска криза.

„Утрешниот натпревар ќе биде различен од оној во неделата. Противникот негува сосема поинаков систем и однесување, така да ќе зависи од изборот што јас ќе го направам. Тимот е добро, опоравен, мораме да влеземе во натпреваров со истото внимание“.