Јувентус втор пат сезонава во Серија А не успеа да ја совлада Верона во Серија А, откако ремизираше 1:1 на гостувањето во 24 коло. Со овој бод остана на седум негатива во однос на лидерот на табелата Интер.

„Разочарувачки резултат, знаев дека ќе биде тежок и борбен натпревар. Успеавме да поведеме, што е потешкиот дел, а потоа не успеавме да го сочуваме нашиот гол. Постојат мали детали кои за жал помладите играчи не ги разбираат и не можат да направат разлика на теренот. Ни недостигаа повеќе искусни играчи, побарав од Роналдо и од Сандро повеќе да зборуваат на теренот, да им довикуваат на помалку искусните, но и тоа не беше доволно.“ – изјави Пирло.

Планот на тренерот на „Старата Дама“ бил со Кулушевски и Рамси да притисне противничката одбрана и да се создаде простор за Роналдо.

„Верона вршеше сериозен пресинг по целиот терен, се движеа многу брзо и реагираа навремено на секоја топка. Имавме шанси за втор гол, но не ја искориствиме таа можност. Немавме напаѓачи кои ќе ја смират топката, па моравме да креираме акции уште од одбраната. Во критична позицијата сме, но се обидуваме да работиме со тоа што го имаме. Ни недостигаат играчи од рангот на Дибала и Мората.“ – објасни Пирло.

Јувентус во следното коло ќе ја пречека Специја, натпреварот е закажан за 2 март.