Премиерниот натпревар од третото  коло во ПМФЛ е супер дерби на Скопје, Вардар го пречекува Работнички од 17-00 часот на арената „Тодор Проески“.

Вардар по првите две кола е без победа во домашното првенство, одигра нерешено со Борец и загуби од Македонија Ѓ.П.

Тимот на Работнички запиша една победа над Шкупи и беше поразен во првото коло од Струга Трим Лум. Двете екипи од Скопје немаат право на грешка.

„Ми се чини дека нема што многу да криеме меѓусебно, добро се познаваме двата тима со Вардар. Верувам дека тоа ќе биде натпревар на тактичко надмудрување. Јас верувам дека нашите фудбалери ќе го исполнат зацртаното и на крај ќе се радуваме на победа. Мора да се истакне дека Вардар сега силно ќе атакува на триумфот затоа што е под еден вид притисок по двата почетни натпревари без постигнат гол. Но, и со предност ако се знае дека изминатава недела немаше натпревар во Купот“ – вели Влахо пред денешната средба.

Голманот и капитен Филип Гачевски е оптимист дека голгетерскиот и победничкиот пост конечно ќе завршат, и дека Вардар размислува само на триумф од дербито.

„Имаме силни мотиви и голема желба да дојдеме до победа во градското дерби. Се надевам дека ќе успееме да ставиме крај на овој голгетерски пост и утре со помош на нашите навивачи ќе дојдеме до првата победа во сезоната која ќе ни даде самодоверба понатаму. Ги цениме сите противници, меѓутоа ние секогаш против било кого одиме на победа, така ќе биде и утре. Убеден сум дека утре сите кои ќе бидеме на теренот ќе го дадеме максимумот за да дојдеме до трите бода“, рече Гачевски.

Двојки, трето коло :

Сабота, 17- 00 час: Вардар – Работнички

Недела, 17-00 час: Шкендија  – Македонија Ѓ.П.

Недела, 17-00 час: АК. Пандев – Борец

Недела, 17-00 час: Струга Трим Лум  – Силекс

Недела, 17-00 час: Шкупи – Ренова