Легендата на англискиот репрезентативен и клупски фудбал Ноби Стајлс почина денеска во 78 година од животот.

Веста за смртта на членот на англиската репрезентација која во 1966 година ја освои титулата светски првак ја соопшти неговото семејство.

Стајлс и припаѓаше на славната „златна“ генерација англиски фудбалери која триумфираше  на Светското фудбалско првенство, победувајќи ја во финалето на стадионот „Вембли“ во Лондон, Германија во продолжението со 4:2.

Познат по својата пргавост и често преголемата острина во играта, Стајлс помина вкупно 11 години како играч на „Манчестер Јунајтед“ со кој во 1968 година ја освои и клупската европска титула, во финалето со „Бенфика“ од Лисабон.